Поранешниот младински репрезентативец и повремен член на А репрезентацијата, Даниел Аврамовски конечно го скрши ледот и постигна одлучувачки гол за тимот на Сараево за победа на гостувањето кај Слобода.

Иако натпреварот почна лошо за тимот на Сараево, па веќе во 14-тата минута имаа негатива од два гола, откако Амер Бакиќ во  8 и 14. минута донесе предност од 2-0 за својот тим, сепак гостите не се откажаа.
Најпрвин преку Зиљкиќ во 33. и преку Цатковиќ во 35-тата минута целосно се вратија во натпреварот за 2-2 на полувреме.

Клучниот потег на натпревот го направи тренерот Мирза Верасановиќ кој во 70-тата минута го уфрли во игра нашиот интернационалец Даниел Аврамовски, кој му врати на најдобар можен начин.
Имено само три минута откако влезе во игра, Аврамовски ја затресе противничката мрежа за целосен пресврт и водство од 2-3.

Сараево ја задржа предноста до крајот и дојде до важна победа со што остана во игра за место во Европа.

Радува формата на Аврамовски на последните два натпревари со оглед на тоа што иако почнува од клупа, во претходното коло асистираше за победа, а денес го постигна победничкиот погодок, прв за него во оваа сезона.