Македонското пливање во името на 15-годишниот Никола Ѓуретановиќ добива име кое веќе сериозно ги руши рекордите поставени од Александар Маленко поставени во младинските конкуренции, а за еден од нив и тоа стар 28 години веќе пишувавме.

Секој нов натпревар е секако место за докажување на Никола, но и можност да види колку напредувал во однос на конкурентите, пред се од другите држави.

За почетоците и за тоа зошто почнал со пливање Никола Ѓуретановиќ вели:

Со пливање почнав кога имав пет години, а овој спорт едноставно ми се допаѓаше кога бев во најрана возраст.

Неговиот тренер Горан Стаменов, воедно и тренер во неговиот клуб ПВК Вардар 2018 за Никола напоменува:

Почна со пливање од пет години, најпрвин како низ детска игра, но потоа почна да победува, да соборува рекорди и да освојува медали. Можам да кажам дека се наоѓа во ТОП 5 пливачи на овие простори на негова возраст од 15-16 години.

На почетокот на месец март, Никола во силна конкуренција на митингот „Србија опен“ имаше забележителен настап и три победи во дисциплините: 200 и 400 метри слободно, како и 200 метри мешано. Притоа тој се почесто ги руши младинските рекорди на Македонија.

Како мои дисциплини ги сметам тие во мешано, но сега сум сконцентриран на дисциплините 200 и 400 слободно и 200 метри мешано.

Никола Ѓуретановиќ е одличен ученик во средното фискултурно училиште „Методи Митевски Брицо“ каде е прва година, а знае да каже дека кога се сака се има време за се, иако добар дел од времето поминува и на тренинзи – 10 на базен недело и два тренинга во теретана. Неговиот тренер Стаменов, знае да каже дека како и секој пливач и Никола има сон, а тоа е еден ден да плива на Олимписки игри.

Никола покрај македонско има и државјанство на Република Србија, но вели:

Јас живеам и тренирам во Македонија и сакам да ја претставувам Македонија на големите натпреварувања.

Токму едно такво овој викенд ќе се одржи во Белград, каде Никола ќе се обиде да дојде до нови добри резултати, иако неколку денови паузираше со тренинзите бидејќи беше болен од КОВИД. Покрај овој турнир за млади катергории во планот се настап на митинг во Белгија, како и Светско првенство во Јапонија.