Супер талентираниот пливач Никола Ѓуретановиќ е новиот македонски рекордер во дисциплината 200 мешано.

15-годишното момче член на ПК Вардар 2018, уште еднаш го потврди не само талентот со кој располага, туку слободно можеме да напишеме и квалитетот.

На еден од најпрестижните пливачки митинзи “Србија Опен 2023”, кој се одржа во Белград од 10 до 12 март на кој учествуваа 355 најдобри пливачи од Србија и регионот, како што се Турција, Грција, Австрија, БИХ, нашиот пливач Никола Ѓуретановиќ имаше повеќе од забележителен настап.

Никола кој е роден 2007 година, освои златен медал, во сите три трки на кои настапи и тоа на 200, 400 метри слободно и на 200 метри мешано,

Особено значаен е резултатот што Никола го постави во можеби најтешката дисциплина 200 метри мешано, во која исплива време од 2:12.38.минути.

Со тоа Никола го собори македонскиот рекорд стар 28 години што беше во сопственост на Александар Маленко, а изнесуваше 2:13:19.минути, што е за 81.стотинка послабо од новиот рекорд на Ѓуретановиќ.

15-годишниот Никола кој има и двојно државјанство (Српско), уште еднаш потврди дека пред ова младо момче престои блескава иднина, но и дека институциите во државата пред се Агенцијата за млади и спорт како највисок орган задолжен за развојот на спортот, но и Македонскиот олимписки комитет, ќе мораат и тоа како да обрнат поголемо внимание, за да не ни се случи, еден ден Никола и нему слични да ги гледаме како настапуваат на големите светски спортски натпреварувања, под други (туѓи) знамиња, а не македонското.

Во скоро време и подетално ќе ви го претставиме 15-годишниот супер пливачки талент Никола Ѓуретановиќ.