Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја остварија втората победа во регионалната СЕХА лига.
Пелистерци вечерва пред својата публика во последниот меч од Б групата славеше над Хексе со што му се реваншира на хрватскиот тим за поразот на гости во втората рунда.
Освен почетните 0-1, во продолжението Пелистер беше тимот што ја контролираше играта и резултатот, па на полувремето битолчани заминаа со три гола позитива 14-11.
Во вториот дел, пелистерци тргнаа силовито и веќе во 42-минута имаа и седум голови предност (21-14). Ваквата предност избраниците на Јовиќ знаеја како да ја сочуваат и на крајот да слават со конечни 27-23.
Најефикасен во таборот на Пелистер беше Денис Василев со 8, додека Каспер Кисум постигна 4 гола, но мора да се истакне и Марко Кизиќ кој од шесте успешни интервенции, одбрани три пенали вклучувајќи го и последниот во последните мигови од мечот, со кој им го донесе второто место.
Со овој исход од мечот, сите три екипи во Б групата имаат ист „скор“ по две победи и порази, но во овој круг најдобар е тимот на Војводина кој завршува како прво рангиран, пред Еурофарм Пелистер и Нексе.
Сега трите екипи, како и нашиот шампион Вардар ќе треба да ги почекаат исходот од двомечот меѓу Татран и Партизан, по што ќе се знае конечниот пласман на тимовите во А групата, а со тоа и двојките за четвртфиналната рунда.