Кошаркарите на битолски Пелистер вечерва во рамките на 11.коло го претрпеа петтиот пораз во АБА 2 лигата. Тие загубија од словенечката екипа Крка со 102:88 (36:26; 24:21; 24:20 и 18:21). Пелистер сега има биланс 6 победи и 5 порази со екипата на Слога и се наоѓа на делба на осмото и деветото место. Токму овие две екипи во меѓусебната пресметка во четврток ќе решат за пласманот за завршниот турнир „фајнл ејт“.

Тимот на Крка првото двоцифрено водство го имаше во 8.та минута (29:18) и оваа предност без проблем ја одржуваше до крајот на натпреварот. Безуспешни беа обидите на екипата од Битола да ја намали негативата, бидејќи на спротивната страна во редовите на Крка играше Рок Стипчевиќ, кој покрај 18-те поени имаше и 18 асистенции. Најпрецизен кај Крка беше Роберт Јурковиќ со 21 поен, а дури пет играчи кај словеечкиот тим имаа двоцифрен број поени.

Во редовите на Пелистер најефикасни беа Сеад Хаџифезовиќ со 23 поени и Андреј Маслинко со 21.

Покрај дуелот со Слога во четврток, Пелистер во рамки на АБА 2 лигата ќе одигра и натпревар против Подгорица во сабота.