Тимот на Барселона се радуваше и во второто Ел Класико во новата година. Откако пред нешто повеќе од месец дена со 3-1 го победија Реал во финалето на шпанскиот Супер Куп, Каталонците се на добар пат да го исфрлат Кралскиот клуб од Копа Дел Реј, со оглед на вечерашната победа на ,,Сантијаго Бернабеу’ со минимални 0-1.

Избраниците на Карло Анчелоти имаа повеќе од играта уште од самиот старт и претежно се играше на половината на Барселона. Во 12-тата минута по одлична акција Бензема го совлада Тер Штеген, но голот беше оправдано поништен поради офсајд.

Првата шанса Барселона ја имаше во 26-тата минута кога Френк Кеси одлично си создаде сам прилика но неговиот удар го одбрани Куртоа. Сепак несреќниот Милитао немаше среќа па одбиената топка се удри во него и заврши во мрежата на Куртоа.

Сликата на теренот остана иста, Реал имаше повеќе од играта но делуваше како Барселона да има се под контрола, па иако ,,Кралевите” дури 11 пати шутираа кон противничкиот гол, ниту еден од тие удари не беше во рамките на голот.


Домаќините најблиску до изедначување беа во самиот финиш на натпреварот кога Родриго од работ на шеснаесетникот шутираше само неколку милиметри надвор од голот.

Реванш натпреварот од полуфиналето на Копа дел Реј на ,,Камп Ноу” се игра по еден месец, поточно на 5-ти Април.