Ракометарите на Вардар со победа од 29:24 против Татран Прешов му се реваншираа на противникот за поразот во првиот настап сезонава во СЕХА лигата и поразот (23:27). Со оваа победа „вардарци“ при евентуален ист број на бодови ќе имаат подобар меѓусебен дуел со претставниот од Словачка.

Резултатска неизвесност имаше само во првиот период од првиот дел – 14.минута беше 6:6 или петто последно изедначување на натпреварот. Потоа „црвено-црните“ со серија од 6-2 за 10 минути имаа водство од 12:8 што беше најава на посакуваната победа од четири или повеќе голови. На полувреме резултатот беше 15:10.

На стартот од вториот дел Вардар поведе и со седум разлика 17:10, а во 57.та минута и последен пат беше +8 (29:21), прдност која Вардар ја имаше во периодот од 48.та до 57.та минута. До крајот на натпреварот Татран Прешов само го ублажи поразот – 29:24.

Јан Чувара кај Вардар беше најефикасен со 5 голови, додека на натпреварот најпрецизен беше Оливер Рабек со 10 голови. Голманот на Вардар Мартин Томовски имаше 12 одбрани.

Следниот натпревар Вардар во СЕХА лигата го игра на гостински терен против Партизан во Белград на 28.февруари.

фото: seha-liga.com