Македонскиот првак Вардар во петок ќе го одигра третиот натпревар во СЕХА лигата. Вардарци ќе го пречекаат составот на Татран Прешов од кој во првиот меч на гостински терен беа совладани.
Во таборот на црвено-црните се уверени дека реванш дуелот ќе биде сосема поинаков и дека Вардар може да стигне и до победа.
Сметам дека добро сме подготвени за дуелот во петок, секако дека ќе одиме на победа. Е, сега дали таа ќе биде поголема од четири разлика, ќе видиме, но ќе сториме се што треба за да победиме и да се бориме за првото место во групата. Имаме повредени играчи, Моралес е повреден, но што е тука е“, вели тренерот Недановски.
Со констатацијата на Недановски се согласува и искусното крило Гоце Георгиевски кој верува во победа па може и со пет гола разлика.
„Сега гледаме анализа од првиот дуел, како сме играле, каде сме грешеле и да ги поправиме тие грешки и мислам дека подобро ќе одиграме во петок, но сепак, Татран е добра и квалитетна екипа и доколку го испочитуваме она што ќе го договориме да го играме на тој натпревар, мислам дека ќе победиме, се надевам и со пет гола разлика“, истакна Георгиевски.
Натпреварот меѓу Вардар и Татран Прешов се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.