Македонската женска кошаркарска репрезентација синоќа отпатува за Сараево каде утре против Босна и Херцеговина ќе го одигра од последните два натпревари во квалификациите за ЕП 2023.

Капитенот Анџелика Митрашиновиќ не се откажува од потенцијално изненадување на гостувањето во главниот град на БиХ. Таа повторно дел од националниот тим, и ќе ги предводи нашите најдобри кошаркарки во третиот, и последен квалификациски „прозорец“.

Кошаркарката на Монтана повторно потенцира еден важен момент од кој оваа селекција никако не може да „побегне“ – некомплетен ростер.

„Последен циклус од квалификациите за европското првенство 2023, а старите болки остануваат. И овој циклус го дочекавме некомплетни, за жал немавме, и немаме среќа да се собереме сите заедно за квалификациите, и макар сега во комплетен состав да се обидеме и на овие последни два натпревари да победиме, макар на еден “- констатира нашата најдобра кошаркарка во овој момент.

И покрај отсуството на неколку важни играчи, во преден план, Мерит Хемпе, Митрашиновиќ дојде во Сараево во оптимистичко расположение

„Што е тука е, наше е да го завршиме овој квалификациски циклус на најдобар можен начин, па зошто не и со победа?“

Вели дека дуелот со БиХ е шанса да ја (по) бараме првата победа ов овој циклус…

„Шансата ја гледаме во дуелот со Босна и Херцеговина, која за разлика од првиот ‘прозорец’ е далеку ослабена и подмладена. Но никако не смееме да ги потцениме. Дел од играчите кои беа носители на Европското првенство сеуште се тука, а квалитетот на босанската репрезентација ни е секако добро познат. Иако можеби се подмладени, сепак имаат голем квалитет. Како и да е, се надевам на добра игра и позитивен резултат“- вели Митрашиновиќ.

Натпреварот од претпоследното коло во А групата меѓу БиХ и Македонија ќе се игра утре во салата „Сабит Хаџиќ“ во Сараево, со почеток од 20.часот.