Освојувачот на ракометниот Куп на Македонија, битолски Еурофарм Пелистер попладнево во Нашице, против Нексе ќе го одигра вториот натпревар од новата сезона во СЕХА лигата.

Двата тима влегуваат во овој дуел со порази од гостувањата кај Војводина, па императив за двете екипи секако ќе биде пред се позитивен резултат.
Она што беше евиденто во составот на Пелистер на дуелот во Нови Сад, беа големиот број на грешки.

Тренерот на пелистерци, Валтер смета дека тоа мора да се подобри, доколку сакаат неговите избраници да извлечат поволен резултат.

„Нексе е одличен тим, но видовме дека ја направија истата грешка, како и ние против Војводина. Проблем ни е што немаме многу ракометари тука во Нашице, дојдовме само со четири бека за да покријат шеесет минути, што не е многу. Најголемиот проблем за поразот против Војводина беа техничките грешки кои ги направивме. Ги имавме дури деветнаесет, што не е нормално.
Тоа ни се случи бидејќи сме во подготвителен период. Физичките тестови минатата недела беа добри, па сега работиме само на ракомет и треба да се подобриме. Имаме добри шанси да играме израмнет натпревар против Нексе и ќе бидеме подготвени за тој дуел“,
вели Ларс Валтер, тренерот на Еурофарм Пелистер.

Натпреварот Нексе – Еурофарм Пелистер започнува од 18 часот.