Ракометарите на Вардар остварија победа во вечерашниот дуел од СЕХА лигата во Скопје против белградски Партизан. „Црвено-црните“ триумфираа со 31:26 (16:14), а предводници на победата беа македонските репрезентативци Дејан Манасков и Филип Талески, кои заедно постигнаа 17 голови.
На почетокот на дуелот Вардар оствари водство до 5:2, но во 10.та минута гостите од Белград изедначија на 5:5. По десет минути игра Вардар повторно поведе овојпат со 12:8, но гостите намалија до крајот на првиот дел.
По пет минути игра Вардар пак водеше со 19:16, но брзо Партизан стигна до изедначување 19:19. Нерешено беше и 21:21 во 42.минута, но играчите на Вардар направија серија од 4-0 за седум минути што на крајот се покажа решавачко за победата.
Во редовите на Вардар Талески постигна 9 голови, Манасков 8, а Стојанче Стоилов 7, голманот Мартин Томовски имаше 14 одбрани. Кај Партизан Никола Зечевиќ беше стрелец на 7 голови, а голманот Андреј Трнавац имаше 14 одбрани.
Следниот натпревар Вардар го игра на домашен терен против Татран Прешов на 10.февруари.
фото: seha-liga.com