КОЛУМНА НА МАРТИН КЛИНЧАРОВ

Македонија го заврши настапот на уште едно Светско ракометно првенство. 27ми од вкупно 32 учесника. Најлош пласман воопшто на едно првенство на кое сме учествувале.

И веројатно не е најлошо во целава оваа ситуација што САД, Иран, Бахреин, Белгија, Зеленортски Острови се пред нас на табелата. Или тоа што Аргентина и Бразил и дел од африканските репрезентации почнуваат да ни изгледаат како светски велесили. Не. Полошо од крајниот пласман е начинот на кој игравме и изгледавме. Бледо и неорганизирано. Во секој сегмент од ракометната игра. Одбрана, напад, полуконтра, контра…

Личевме на некоја група луѓе кои случајно се сретнале и решиле дека ќе одат на Светско првенство. Наместо селектор и тренер ќе имаат водач на пат, туристички работник кој само ќе се грижи сите да отидат и да се вратат живи и здрави. Како некоја школска екипа која се собира кога наставникот по физичко има време и кога ќе им дадат термин во школската сала.

Генерално, се еден збор, страшно!

Статистички, во просек сме примале по 32 гола по натпревар. Практично сме немале одбрана. А натпреварите се добиваат во одбрана. И пред 15 години и сега.
Дилемата ми е за што сме се подготвувале тогаш пред ова СП?! Противниците ги знаевме однапред. Групите беа направени далеку пред почетокот на СП. Знаевме и со што располагаат противниците.

Па за кого ние се подготвувавме?! За некој измислен и имагинарен противник или за конкретен играч, тактика, напаѓачка формација, со конкретни индивидуални и колективни задачи?!
Дали тоа значи дека толкави се тренерските капацитети на нашиот селектор?!
Дали некој може да поверува во тоа дека играч од онаков светски калибар каков што бил нашиот моментален селектор може да направи такви катастрофални проценки во однос на селекција на играчи и квалитет за конкретна позиција, за конкретна тактичка задача?!
Чудно е нели?!

Дали тоа значи дека можеби намерно го правел тоа?! Тоа би било лошо. Всушност, не знам што е полошо. Не знам дали е полошо тоа што игра одбранбена формација во која Стојковиќ и Ѓоргиев играат на позиција 4 и 5 еден до друг, затоа што не знае дека не можат, или го прави тоа намерно затоа што двајцата се играчи во неговиот клуб па ги воигрува против посилни противници на Светско Првенство и ги подготвува за тековниот плеј-офф во домашното првенство?!

Не знам дали е полошо тоа што има личен анимозитет кон одредени играчи како Танкоски, Ѓоргоски, Цветан Кузманоски, Аларов, Лазаревски, Дитриески, Димитријоски… па не смета на нив како репрезентативен материјал, затоа што смета дека немаат доволен квалитет или пак го прави тоа намерно затоа што не успеа да ги врбува да потпишат за неговиот клуб, па на сметка на тоа селектира играчи кои веќе успеал да ги врбува како Џонов и Савревски кои потпишаа додека уште бевме на СП или такви кои ги врбува со месеци наназад како браќата Атанасијевиќ?!

Што е полошо?!

Да си ракометно неписмен иако си бил играч од светска класа, (повторно, дали некој верува во ова) примери има многу, па заради тоа да ја држиш репрезентацијата како заложник или намерно ја ставаш репрезентацијата и нејзините резултати во функција на свои лични хирови и од лукративни причини?! Во секој случај е лошо. Тоне ракометот и се враќа на она каде што беше во периодот од 2000та до 2009та… а можеби и тоа е дел од некој план, од некоја поширока слика што ние обичните смртници не ја гледаме за разлика од водечките и ракометно писмени структури кои го водат спортот. Не знам. Може има некоја филозофска-духовна причина, од типот, треба ракометот да умре, за повторно пак да се роди. Не знам…

Нема да навлегувам во приказните и полубедните обиди за оправдувања од типот, млади се, неискусни се, треба време, смена на генерации, слаба е лигата, скапа е струјата… Сето ова погоре го знаеја и селекторот и федерацијата кога тргнуваа во тој процес. Буквално се. Затоа нема простор за такви изговори и оправдувања. Ниту се млади, просекот е 26 години, ниту се неискусни, носителите на репрезентацијата, 9 играчи, се во неа од 2016-та, ниту е смена на генерации… ниту, се момците виновни што личеа на банда без команда и тотално дезорганизирано, ниту за овој резултат.

Ниту федерацијата, ниту селекторот, ниту по неговото официјално поставување за селектор, а ниту пред ова СП не излегоа и не кажаа што е стратегијата. Краткорочно, долгорочно… што ни е целта. Ниту план, ниту програма. Никој од нив не излезе да кажа „слушајте, во следните 5 години немој да очекувате резултати. Ќе градиме нова репрезентација, ќе работиме заедно со клубовите и за 5 години ќе составиме и направиме нова база од 40 ракометари кои ќе бидат основа!“ Никој.

Напротив, имавме за цел да се пласираме на секое натпреварување и да поминеме во следна фаза. Така беше и на ова СП. Пред тргање ние бевме „сигурни“ во пласманот во следната фаза со една, ако не и две победи! И?!
За подоцна во од да ги менуваме целите, од евентуално една победа, па дека ние знаевме дека сме најслаби во група ама не до толку за да губиме по 12 разлика, па до тоа дека голманите се криви, дека публиката создавала притисок со тоа што скандирала „сакаме победа“ (ова е нешто најидиотско што сум го прочитал било кога.

Па што требала да скандира публиката?! Изгубете до 5 разлика?!

Човече божји!), па до тоа дека дури сега играчите сфатиле дека домашното првенство не било исто со Светско Првенство!
Никој не кажа ништо. На пример, Црногорците имаа за цел да обезбедат олимписки квалификации, не успеаја и селекторот поднесе оставка!Хрватите имаа за цел да стигнат до четвртфиналето, не успеа и тоа го прогласија за неуспех и веќе му ја бараат „главата“ на селекторот, итн.. Ние немавме никаква цел, па веројатно затоа и не знаеме дали ова е добро или не. Не знаеме чија „глава“ да бараме!?

Или дали воопшто треба. Можеби треба да сме задоволни. Не знам!?
Тоа е исто како во некој хорор-трилер филм каде што секоја наредна сцена е полоша од претходната, на крајот кога главниот лик останал без една рака, нога и пола органи, е среќен што е жив бидејќи можело да биде и полошо!

Во однос на тоа, ова раководство на федерација ја тера веќе 10-тата година. Кога ја преземаше Федерацијата наследи популарен спорт, најпопуларен во државата, репрезентација која беше 5та во Европа и 9-та во Свет!

„Ние“ променивме раководство на федерација кое имаше резултати со далеку помалку финансиски средства заради фактот дека не инвестира во младинските школи и лиги, ја укина квотата за странци со што го опадна квалитетот на лигата, го држи ракометот и федерацијата централизирано, не го развива спортот согласно резултатите кои ги постигнува.

Со еден збор, го приватизира ракометот.

Новото раководство кое доаѓаше имаше за цел да биде клупски неутрално, да донесе професионален селектор и да работи на развој и промоција на ракометот, повеќе акцент на работа со млади категории, намалување на бројот на странци, заштита на сопствените играчи и подигање на квалитетот на лигата, континуитет на репрезентативен план…

После 10 години, ние имаме најслаба лига откако јас памтам и сум играл во неа, систем на натпреварување кој се менува на секои две години во зависност кој треба да биде промовиран во нов суперлигаш, производство на играчи, нема, младинските школи и лиги служат само про форма за да ги има.

Федерацијата не професионална, напротив е тотално нестручна, континуитетот на репрезентацијата се одржува на мускули, па логично резултатите на репрезентацијата се секоја година полоши и полоши. Претседателот кој беше избран заради фактот што е клупски неутрален, сега има свој клуб, а селекторите кои до вчера беа професионални за да нема конфликт на интереси, сега повторно е и селектор и тренер во клубот на претседателот. Според некои сејачи на магла, кои со години сакаат да бидат фактор и да креираат мислење во светот на ракометот, а кои мака мачат да погодат левиот и десниот бек со која рака шутираат и дали шведскиот голман Апелгрин е голман или пивот, оваа ситуација е нормална. Тоа што пред 10 години било причина за нечие менување и услов за нечие доаѓање на чело на федерацијата, веќе не важи. Сега тоа е аргумент дека така било порано!

Приватизираниот ракомет од претходно, е проширен и надграден. Веројатно ништо ново!

Во текот на првенството, а посебно деновиве ги исчитав сите колумни, анализи, текстови, статуси, од поранешни играчи, луѓе со помалку или повеќе искуство, креирање на јавно мислење, навивачи, симпатизери. И оние кои критикуваат и оние кои се обидуваат да бранат!

Заедничко за сите е, а со оглед и на историјата, дека ЏАБЕ ВЕЗЕМЕ!

Ќе помине Јануари, ќе си кажеме што имаме, кој аргументирано, кој навивачки, ќе поминат 3 дена, ќе се случи некое поголемо општествено с***е со кое ќе се занимаваме и ќе го коментираме, па ќе дојде март и натпреварите со Португалија а дотогаш ќе заборавиме на пласманот од ова СП и муабетот ќе биде „ај сега да се обединиме, да дадеме се од себе, да се пласираме на ЕП, важен е континуитетот!“ И така до следниот Јануари…

Ниту некој ќе понуди решение, ниту некој ќе се занимава со причините зошто тонеме секој ден се повеќе и повеќе а другите напредуваат со џиновски чекори, а богами ни со последиците.

Ниту ќе се обиде па макар  тоа било онака “куртоазно“ да собере еден поширок круг на луѓе кои ќе кажат мислење, идеја, став, како да подобриме нешто, да направиме стратегија за следните 10 години со конкретни цели и задачи. Како да ја подобриме лигата и клубовите да произведуваат играчи. Како тие играчи да ги пласираме низ европските лиги каде ќе собираат искуство и ќе имаат подобар тренажен процес.

Кој модел ќе го одбереме за развој на ракометот?!

Ќе правиме клуб-репрезентација (се покажало во многу наврати дека е погрешно) или ќе ја развиваме лигата рамномерно а ќе правиме мрежа на играчи по европските лиги. Како паралелно да ги едуцираме тренерите.

Ќе организираме двапати, трипати годишно кампови за млади категории со тренерски семинари на кои ќе каниме светски познати тренери да држат предавања низ практични примери, ќе ги собереме сите наши поранешни играчи кои сега влегуваат во тренерските води или имаат поголемо искуство да работат со младите категории наместо да одат по африканските и азиските земји на по 4-5 месеци, ќе “купиме“ големо звучно име за селектор/тим со обврска да направи план за следните 10 години и паралелно да обучува наш кадар, а ние ќе работиме на инфраструктурата и преку антрополошки мерења и истражувања ќе ги храниме со податоци кои деца од кои региони имаат потенцијал за да се инвестира во нив….

Многу ЌЕ, многу идеи и искуства кои можеме да ги “купиме“ и примениме ако сакаме. Можеме, ама не сакаме. Можеме, ама нема луѓе кои знаат и можат да го спроведат во постоечката номенклатура.

Значи, ‘Џабе веземе’!

Или ќе смениме нешто суштински за да имаме спорт кој ќе носи резултати или да распуштиме се и да го сведеме спортот на рекреација!

Живи и здрави! За кого?!  За МАКЕДОНИЈА!

МАРТИН КЛИНЧАРОВ