Младиот македонски кошаркар Рубин Стефанов продолжува со одличните настапи во дресот на италијанскиот тим „Колумбос“ Канту.

Син на легендарниот македонски кошаркар, Врбица Стефанов, веќе втора сезона е во редовите на италијанскиот тим, кој важи за еден од најдобрите во Италија, за развој на младите играчи

Иако 17-годишниот Рубин, настапува во екипата која е две години повозрасна (генерациски У19), сепак тоа на Стефанов не му пречи да прикажува одлични игри.

Тимот на Канту се натпреварува во третата група (има шест), но по квалитет и имиња на екипите кои настапуваат, оваа се чини е најсилната во оваа годишна возраст.

Во дерби дуелот со реномираниот Виртус Болоња, младиот Стефанов заедно со соиграчот Москатели беа најефикасните во својата екипа со по 13 постигнати поени во убедливата победа со 104-58. Со овој триумф и скор од 11 победи и 2 порази, тим на Канту е на делба на првото место во својата конкуренција со екипата на Кремона.

Веќе во понеделник Руби и „Колумбос“ го очекува ново дерби и тоа на гости во Милано кај популарните „манекени“ на Армани, тим чии сениорска екипа настапува во Евролигата.

Кога сме кај сениорската конкуренција, Стефанов истовремено игра и за екипата на АБЦ Канту која се натпреварува во „Силвер Ц“ конкуренцијата, а за која на последниот натпревар Стефанов со соиграчот Тосети беа најефикасни со по 15 постигнаа поени, во поразот од Виртус со 73-79.

Потсетување дека 17-годишниот Рубин Стефанов доби и шанса од ек-селекторот на македонската сениорска репрезентација, Драган Баиќ, да настапи во квалификациските натпревари со Шпанија во Сарагоса, а беше во составот и со Украина во Скопје.