Македонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот пораз на Светското првенство откако вечерва во Краков загуби од Холандија со 34:24 (18:11). За пласман во следната фаза на нашите ракометари ќе им биде потребна победа во дуелот од 3.коло во вторник против Аргентина.

На стартот од дуелот нашиот состав имаше водство од еден гол 1:0; 2:1 и 3:2, но потоа Холанѓаните иако во еден период беа и со играч помалку направија серија од 5-0 за водство од 7:3, по кое нашиот селектор Кирил Лазаров побара тајм аут. Успеавме малку да се вратиме резултатски и намаливме на 9:11, но противникот повторно прави серија овојпат од 4-0 за водство на полувремето од 18:11. Холандија на голот го имаше Равенсберген, кој за 30 минути забележа 7 одбрани.

Почетокот на вториот дел почна со доминација на Македонија, а во 35.минута Лазаров се реши Манасков да игра „фластер“ на Стеинс. Со таква игра намаливме на 4 негатива 21:17 и 22:18, но потоа  следуваше исклучување за Талески (второ) и серија од 4-0 за Холандија и потоа за високи (28:19). По тајм аутот на Лазаров – Македонија со серија од 3-1 намали дел од предноста на ривалот. Во финишот Холандија успеа да стигне и до +10 што беше и разлика на крајот од натпреварот.

Најефикасен на натпреварот беше Смитс со 10 голови, додека голманот Равенсберген имаше 12 одбрани. Кај Македонија Кузмановски и Пешевски постигнаа по 4 голови.