Битолски Еурофарм Пелистер го официјализираше новото засилување за следната сезона. Станува збор за 23-годишниот Босанец, Едвин Џелиловиќ.
Тој доаѓа од редовите на Извиѓач и со актуелниот македонски шампион потпиша долгорочен договор во траење од три години.
Џелиловиќ игра на позицијата десно крило и се смета за еден од најперспективните играчи на оваа позиција во целиот Балкански регион. Тој доаѓа како директна замена за српскиот интернационалец Богдан Радивојевиќ кој по завршувањето на сезонава се сели во Турција.
Босанскиот репрезентативец веќе има богато меѓународно искуство зад себе настапувајќи со екипата на Извиѓач во натпреварите од Лигата на Европа. Џелиловиќ е стандарден член на сениорската репрезентација на БиХ и важи за исклучително брз играч со одлична реализација.
Раководството на битолскиот клуб со овој потег јасно ја потврдува новата стратегија за подмладување на тимот со квалитетни и гладни играчи. Џелиловиќ ќе му се приклучи на тимот за време на летните подготовки кога официјално ќе ја започне битолската авантура.




































