Македонската кајакарска федерација на денешниот прес по повод 54.то издание на ИКАС ја потенцираше важноста на одржувањето на овој настан, еден од најстарите во Македонија. Викендов на патеката на реката Треска во СРЦ „Матка“ ќе се одржи и првото коло од Европскиот куп во спуст на диви води. Двата натпревара ќе се одржуваат истовремено и секако ќе претставуваат генерална проба за Европското првенство во спуст што ќе одржува од 16-20 мај во Скопје.
Напреварите во сабота почнуваат во 10 часот со квалификациите во ИКАС, а од 14 часот е стартот на квалификациските трки во Европскиот куп, веднаш потоа во 16 часот е и финалето во оваа дисциплина. Во недела на програмата се полуфиналните и финалните трки во рамки на Илинденскиот кајак слалом. Еден од главните фаворити во оваа дисциплина е македонскиот репрезентативец Ангелче Петрушев, а конкурент ќе му биде претставникот од Косово Ѓоши. На ИКАС оваа година ќе настапат и преставници од девет држави или околу 200 натпреварувачи, а за одбележување е тоа што селекцијата на Казахстан ја предводи нашиот поранешен кајакар Атанас Николовски.
Александар Златаров и Љубомир Спасиќ ќе бидат предводниците на македонскиот тим во првото коло на Европскиот куп.
Се надевам на добар пласман особено што добро ја познавам патека. Но, на Матка секогаш се можни изненадувања и некој непријатен бран, што може многу да влијае на пласманот. Едно е сигурно дека стотинки ќе решаваат за освојувачите на првите три места, изјави Златаров.
На прес конференцијата присуствуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и претседателот на Кајакарската федерација на Македонија Дирлон Леши.