Ракометарите на Охрид испишаа нова страна во својата европска клупска историја. Популарните охридски „гладијатори“ изборија полуфинале во ЕХФ Европскиот куп.
Вечерва во преполната сала на СЦ „Биљанини извори“ пред своите навивачи Охрид по втор пат беше подобар од грчкиот Олимпијакос. Откако пред седум дена го совладаа во Атина на со пет, вечерва охриѓани славеа над Олимпијакос со еден голо разлика 25-24.
Во првиот дел освен на почетокот 0-1 кога водеше Олимпијакос, се останато, беше резултатски во полза на Охрид. Најголемата предност охриѓани ја имаа во 25.минута кога водеа со четири разлика, а на одмор заминаа со +2 (14-12). Во вториот дел, Охрид не успеваше да се одлепи на повеќе од го-два разлика. Во финишот гостинскиот тим во два наврати пак поведе со еден гол, но Охрид покажа карактер. Ја сакаа и ја добија победата избраниците на Ројевиќ со конечни 25-24.
Сега тимот на Охрид го чека двомеч со словенечкиот тим на Целје. Според календарот првиот дуел би се играл на 25/26 април на гости, а реваншот седум дена подоцна во Охрид (2/3 мај).

































