Селекторот Жозеп Марија Берокал ги одреди 12-те кошаркари за вечерашниот натпревар против Кипар, каде капитенот Војдан Стојановски ќе запише историски јубилеј.

Искусниот репрезентативец вечерва по 100. пат ќе го облече дресот со националниот грб во пресметката од втората фаза на претквалификациите за Европското првенство 2029.

Приказната на Стојановски во сениорскиот национален тим започна во 2008 година, кога го доби првиот повик од тогашниот селектор Јовица Арсиќ.

„Дресот на Македонија за мене отсекогаш бил светост. Чувството да се игра за својата земја е посебно и секогаш е исто, без разлика дали настапуваме на Европско првенство или играме квалификации и претквалификации.

Горд сум што имам можност толку години да ја претставувам Македонија и што стигнав до бројката од 100 натпревари. Тоа е голема чест за мене, но и мотив да продолжам да го давам максимумот.

За репрезентацијата секогаш ќе бидам тука, додека ѝ треба мојата помош“, изјави Стојановски за официјалната страница на федерацијата.

Во составот на Македонија се наоѓаат и Ненад Димитријевиќ и Мозес Рајт, кои им се приклучија на репрезентативните колеги во завршницата од подготовките.

Покрај капитенот Стојановски, Димитријевиќ и Рајт, довербата на Берокал за овој дуел ја добија уште деветмина кошаркари. Во конечниот ростер се и Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Лука Стојановски, Адем Мекиќ, Стојан Ѓуроски, Резарт Мемед, Тома Стојаноски, Андреј Маслинко и Дамјан Робев.

Вечерашниот кошаркарски натпревар меѓу Македонија и Кипар се игра во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, со почеток во 18:00 часот. Натпреварот може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ 👇