Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), денеска имаше седница на Управниот одбор (УО). На истата констатирано е дека клубови склучувале двојни договори со фудбалери иако не смееле да го прават тоа.

Согласно актите на ФИФА и ФФМ , фудбалските клубови и фудбалери се должни да ги доставуваат договорите на верификација во ФФМ.

Тоа се правни дела кои мора да бидат склучени исклучиво врз основа на Стандардниот договор, усвоен од Управниот одбор на ФФМ. Само договори склучени на тој образец и верификувани од Комисијата имаат фудбалско значење во рамки на фудбалската организација.

Во пракса, добиваме индиции дека дел од клубовите и фудбалерите склучуваат договори надвор од оваа постапка.

Согласно правилата и актите на ФИФА и ФФМ, тие договори не произведуваат фудбалско-правно дејство.

Имено, договорите кои не се доставуваат во ФФМ, т.н. „двојни договори“, нема да се толерираат, односно нема да се признаваат.

Упатуваме јасна и недвосмислена порака кон клубовите и фудбалерите:

Правилата за регистрација, трансфер и статус мора да се применуваат доследно, како и прописите на ФИФА, така и Правилникот на ФФМ.

Верификацијата не е формалност, туку механизам за заштита на сите страни, но и на интегритетот на системот. ФФМ ќе ја извести ФИФА за ситуацијата, со цел да бидат запознаени дека одредени договори се склучуваат со цел да се избегне домашната регулатива;