Македонската „икона“ Владо Милев се повлече од одбојката!? Како што информираа од екипата на Струмица, Милев стави крај на играчката кариера, а истовремено се повлече и од директорската функција.
Одбојкарскиот клуб Струмица имаше чест и привилегија да биде воден од човек со исклучителен интегритет, визија и посветеност – Владо Милев.
Репрезентативец на Македонија, дел од генерацијата која го оствари најголемиот успех во историјата на македонската одбојка, и потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија.По внимателно размислување, Владо одлучи да се повлече од клубот – и како претседател, и како играч. Оваа одлука е направена во согласност со неговите принципи и визија, прифаќајќи дека продолжувањето на соработката со дел од управата, со различни вредности и пристапи, не е во согласност со тие принципи.
Како клуб, изразуваме огромна благодарност за сè што направи – за играчите, за тренерите, за младите, за градот и за македонската одбојка.
Владо Милев не само што ја создаде историјата на клубот – тој остави наследство кое ќе ги инспирира сите генерации што доаѓаат. Историјата секогаш памети кој создавал – и Владо заслужено го има своето место.
Една ера, еден број, една легенда – 13!
Засега останува нејасно, дали Милев стави и крај на својата кариера или ќе биде дел од македонската репрезентација на Европското првенство што ќе се игра претстојното лето.




































