Ракометарите на Вардар утре ќе го играат последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа. Во Скопје гостува францускиот Тулуз.

Дуелот нема резултатско значење за ниту една екипа. „Црвено-црните“ веќе обезбедија пласман во Топ-16, додека Тулуз со овој меч го завршува европскиот настап за сезонава.

Во таборот на Вардар владее силна желба групната фаза да се заврши со победа и уште една радост за навивачите. Тренерот Иван Чупиќ очекува неговиот тим да продолжи во истото темпо и да ја искористи добрата атмосфера која владее по последните успеси.

„Добра недела е зад нас, две важни победи против Сесвете за пласман во ТОП 16 и потоа во дербито со Охрид.

Ни доаѓа Тулуз, овој натпревар нема значење, но играме добро, се спремивме добро и сакаме да запишеме уште една победа да го завршиме групниот дел без пораз на домашен терен.

Сакаме да им покажеме на нашите навивачи како Вардар сака да игра на секој натпревар и тоа е мотив за утрешниот натпревар. Мора да дадеме се од себе, со енергија, со говор на тело, со позитива меѓу нас“, изјави Чупиќ.

Натпреварот меѓу Вардар и Тулуз е закажан за утре од 18:45 часот во СЦ „Јане Сандански“, каде вардаровите ракометари ќе се обидат да ја продолжат успешната серија и да ја завршат групната фаза со стил пред својата публика.

Следете нé на социјалните мрежи