Екипата на Шкендија впиша нови три бода на своето конто, совладувајќи го Работнички со минимални 1-0 на дуелот одигран во Тетово, во рамките на 15. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Домашниот тим ја контролираше играта уште од самиот старт, а иницијативата ја круниса во првото полувреме. Единствениот погодок на натпреварот го постигна Фабрис Тамба, кој најдобро се снајде во шеснаесетникот и ја погоди мрежата за водство од 1-0, кое подоцна се покажа и како решавачко.
Со овие три бода, Шкендија останува на третото место, со шест бода заостанување зад лидерот Вардар и еден зад второпласираната Струга.
За Работнички, пак, ова е десетти пораз сезонава, резултат што го задржува тимот на претпоследната позиција со само седум освоени бода, во ситуација што станува сè понезавидна.




































