Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва во Битола ќе го пречека актуелниот европски првак Магдебург. Ова е натпревар од 9.коло во „Б“ групата на Лигата на шампионите.
Германскиот тим досега има максимални осум победи и со тоа ја потврдува својата доминација во групата. Во првиот меѓусебен дуел, одигран пред нешто повеќе од еден месец, Магдебург славеше убедливо со 10 голови разлика.
Сепака, оптимизмот не го напушта тренерот на Еурофарм Пелистер, Рубен Гарабаја, кој верува во чудо.
„Не е лесно да се игра против Магдебург. Имаме искуство од првиот натпревар и треба многу работи да подобриме за да имаме шанси против нив. За среќа сега го имаме комплетниот состав. Верувам дека ќе биде поинаку за разлика од првиот меч. Најмногу заради тоа што играме на домашен терен“, изјави шпанскиот стратег.
Дополнителен мотив за битолчани е и публиката во салата „Боро Чурлевски“, која традиционално создава уникатна атмосфера и претставува силен ветер во грб за пелистерци. Поддршката од трибините често знае да биде пресудна. Ракометарите на Пелистер веруваат дека токму енергијата од навивачите ќе им помогне да го надминат притисокот и да се спротивстават на моќниот противник.
Натпреварот започнува во 20:45 часот, а ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ.





































