Македонскиот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром ја оствари третата победа во регионалната АБА2 лига.
Во натпревар од 4.коло, одигран пред својата публика во „Јане Сандански“, тимот на МЗТ Скопје ја победи босанската екипа Јахорина со 96-77.
По израмнетиот прв квартал во кој двата тима се менуваа во водство, аеродромци на првата пауза заминаа со два предност 26-24. Во втората четвртина, предводени од расположениот Американец, Елајџа МекКаден, МЗТ играше ефикасно во нападот. Тоа резултираше со двоцифрена предност на полувремето (57-47).
Во вториот дел, Американецот продолжи во ист ритам, а го следеа капитенот Дамјан Стојановски и неговиот сонародник Гил. Сино-белите ја одржуваа и постепено зголемуваа предноста, за на крајот да слават со 19 разлика (96-77).
МекКаден со 28 поени беше прв стрелец, победничкиот тим на МЗТ Скопје и на натпреварот, а Гил го заврши со дабл-дабл 19 поени и 14 скокови.
Во следното коло, МЗТ ќе му гостува на Златибор на 17 декември, по што ќе следува пауза се до средината на јануари.



































