Вардар стигна до значајна победа во Европската лига, совладувајќи го Кристијанштад со 35-30 во Скопје. Црвено-црните блеснаа во второто полувреме и се вратија на првата позиција во групата.

Македонскиот вицепрвак му се реваншираше на противникот за тесниот пораз во првиот меч и вечерва во Скопје доминираше кога беше најважно.

Гостите го отворија дуелот подобро и неколку пати водеа. Вардар од 4-5 направи серија од 3-0 и го презеде водството. На полувреме замина со минимална предност од 17-16.

Резултатската неизвесност продолжи и во воведните минути од вториот дел. При 22-22, Вардар заигра многу поагресивно и направи клучна серија од 5-0 за водство од 27-22. Оваа предност ја контролираше до самиот крај и заслужено славеше.

Дмитро Хориха беше најрасположен со девет гола. Јака Малус постигна седум. Голманот Милош Валах блескаше со 15 успешни интервенции.

По четири кола Вардар води на табелата со шест бодови. Следниот натпревар го игра на гости кај Сесвете на 25 ноември.

Следете нé на социјалните мрежи