Машката кошаркарска репрезентација на Македонија попладнево ќе го игра последниот натпревар во претквалификациите за Светското првенство 2027.

Со трите порази Македонија одамна ги загуби шансите за прогрес во следната рунда. Затоа во последниот ќе се брани честа, односно ќе се барат единствената победа.

Противник ќе биде селекцијата на Унгарија од која во првиот меѓусебен дуел во Шолнок загубивме со 38 поени разлика. Јасно е дена подмладениот македонски национален тим во улога на аутсајдер во овој натпревар. Сепак желбата да се докаже дека овој тим има потенцијал е голема.

Избраниците на селекторот Марјан Илиевски, ќе се обидат да направат изненадување, за кое ќе им биде потребна и поддршка од трибините.

„Поддршката од трибините секогаш била нашата најголема сила и мотив, па затоа веруваме дека и овој пат заедно ќе создадеме атмосфера на коректно навивање, достојна за големи спортски семејства.

Ве повикуваме да бидете дел од овој настан, и со вашето присуство да им дадете дополнителна енергија на нашите играчи“, упатија апел од федерацијата.

И на овој дуел, црвено-жолтите не ќе може да сметаат на еден од најискусните, Адем Мекиќ кој е повреден. Тоа дополнително ќе ја отежни задачата.

Натпреварот Македонија – Унгарија што ќе се игра во СЦ „Кале“ ќе почне од 19 часот, а ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ и на МРТ3.

Следете нé на социјалните мрежи