Уште една позитивна вест за македонската машка кошаркарска репрезентација. Адем Мекиќ од денеска му се стави на располагање на селекторот Марјан Илиевски.
Мекиќ ги „помина“ лекарските прегледи во клиниката „Жан Митрев“ во Скопје, па допатува во Гевгелија, во тренажниот процес на „црвено-жолтите“.
„Поради претходно договорените обврски не бев во ситуација да бидам со тимот од првиот ден. Но подготвен сум, знам што се очекува од нас.
Прво да ја ‘поминеме’ оваа главна фаза од подготовките, потоа ќе размислуваме за противниците во претквалификациите.
Ќе имаме и две контролни средби тука, против Швајцарија, кои ќе ни бидат еден од показателите до каде сме во пресрет на дуелите со Романија и со Унгарија“,
потенцираше Мекиќ по пристигнувањето во Гевгелија.

Контролните натпревари со Швајцарија ќе се играат 25 и 26 јули.
Репрезентацијата ќе остане во Гевгелија се до преселбата во Куманово каде ќе се играат натпреварите. Првиот е закажан за 2 август против Романија.



































