Се шпекулира со недели каде ќе ја продолжи кариерата српскиот плејмејкер Василије Мициќ. Поранешниот МВП и двократен освојувач на Евролигата со Анадолу Ефес би можел да се врати во Евролигата.

Црвена звезда се споменуваше дискретно, Фенербахче со нешто погласни нагаѓања, а во последните денови Олимпијакос се чинеше како најизгледна опција.

Сепак, израелскиот „Спорт 5“ објави наслов што ги засени сите претходни шпекулации. Хапоел Тел Авив, нов член на Евролигата, му понудил сензационален договор на Мициќ.

Според информациите на овој медиум, Хапоел му нуди тригодишна соработка вредна 18 милиони евра. Тоа значи по 6 милиони евра по сезона, сума што би го направила најплатен играч во историјата на Евролигата.

Ангажманот на Мициќ е толку сериозна цел за Хапоел, што тренерот Димитрис Итудис лично го контактирал. Гркот му ги претставил плановите и објаснил каква улога би имал доколку ја прифати понудата на тимот од Тел Авив.