Во Првата македонска кошаркарска лига, мапка конкуренција, денеска на програмата се три натпревари од разигрувањето.

Во Кисела Вода, екипите на Работнички и Пелистер ќе ја играат мајсторката од четвртфиналето на плеј-офот. Предноста на домашниот терен во претходните четири дуели се покажа како решавачка. Работнички ги доби првите два меча пред својата, а Пелистер оние два во Битола. Тимовите добро се познаваа, па тешко може некој тактички нешто да изненади. Така, поголемата желба и борбеност ќе бидат пресудни за конечниот епилог.

Дуелот ќе започне од 19 часот, а исходот од овој меч ќе го даде противникот на ТФТ во полуфиналето. Првиот полуфинален пар го сочинуваат МЗТ Скопје Аеродром и МКК Куманово.

Во плеј-аутот, односно разигрувањето за опстанок ќе се игра шестото коло.

Ако Тиквеш е сигурен во опстанокот, а Вардар сигурно се сели во Втората лига, за последното место за опстанок во игра се Гостивар и Шкупи. Двата тима имаат идентичен „скор“ па секоја победа до крајот е важна.

Големо внимание ќе привлече дуелот во СЦ „Кале“ од 17 часот, каде Шкупи ќе го пречека Вардар. Ова особено по немилиот настап што се случи на нивната последна средба, кој ескалираше со масовна тепачка на крајот. Затоа дуелот е прогласен од „висок ризик“ и ќе се игра во празна сала без публика.

Еден час подоцна (18.00) во Гостивар истоимената домашна екипа го пречекува кавадаречки Тиквеш.

Сите натпревари може да ги ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ (линк)