Екипата на Фенербахче е првата што обезбеди пласман на завршниот „фајнал-фор“ во кошаркарската Евролига. Тимот на Реал Мадрид остана во „живот“ откако го доби третиот меч против Олимпијакос.
Ова е епилогот по одиграните четвртфинални дуели во Париз и Мадрид, каде славеа Фенербахче и Реал.
На турската екипа и беа потребни дополнителни пет минути во дуелот со Париз. Откако мечот во регуларните 40.минути заврши нерешено 80-80, се играше продолжение. Во него Фенер постигна дури 18 поени, наспроти осумте на домаќините. Така македонскиот репрезентативец, Ти Џеј Шорц и неговиот Париз ја завршија сезоната, а Фенер ќе игра на завршниот турнир.

Реал пак останува во игра за следната фаза, откако вечерва пред својата публика го совлада Олимпијакос. „Кралевите“ славеа со 80-72 со што го намалија резултатот на 1:2 во победи.
И следниот натпревар, закажан за во четврток (1 мај) ќе се игра во Мадрид, а евентуалната „мајсторка“ во Атина.
Утре своите трети натпревари од четвртфиналето ќе ги играат, Барселона – Монако (0:2 во победи) и Анадолу Ефес – Панатинаикос .






































