Нема многу време за пауза за ракометните репрезентации, по настапот на Светското првенство машката ракометна репрезентација ја очекуваат нови натпревари, продолжуваат натпреварите од квалификациите за ЕП 2026.

Во оваа недела на ЕХФ за Македонија следуваат дуелите со најквалитетниот ривал во групата селекцијата на Словенија.

Селекторот Лазаров без многу промени во однос на составот од Вараждин ќе го дочека двомечот со Словенија, репрезентација која последните години е во светскиот и европски врв. Сепак за гостувањето во Скопје, словенечкиот селектор Урош Зорман нема да може да смета на неколку играчи пред се поради повреди. Дел од играчите ќе допатуваат и директно во Скопје.

Што се однесува до македонската репрезентација Лазаров од неделата стартуваше со мини подготовки, па за очекување е македонскиот состав да биде конкурентен на првиот дуел во Скопје, особено што влезниците за дуелот што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ веќе се распродадени.

Ова е дуел од третото коло од групата 1 од квалификациите каде Словенија е прва со 4 бодови, Македонија и Литванија имаат по 2, а Естонија е последна без бод.

Натпреварот Македонија – Словенија почнува во 20 часот, а ќе го судат Амар и Дино Коњичанин од Босна и Херцеговина, а делегат е Предраг Павичевиќ од Црна Гора.

Во недела во Копер се игра натпреварот Словенија – Македонија.