Македонскиот ракометен шампион Еурофарм Пелистер вечерва со почетокот од 20:45 часот го игра еден од клучните натпревари сезонава од Лигата на шампионите.

За битолчани само победа против романскиот тим Динамо Букурешт е опција. Ова од причина што во претходното коло Висла направи изненадување и постигна победа на гости кај ПСЖ, па така борбата за шестото место во групата и пласман во нок аут фазата (осминафинале) ќе трае до крајот односно до 14.коло.

Еурофарм Пелистер се наоѓа во серија на тешки натпревари, по гостувањето во Португалија и солидните 45.минути против Спортинг, битолчани постигнаа победа над Охрид на гости, а по дуелот со Динамо Букурешт в понеделник го пречекуваат лидерот во домашното првенство Алкалоид.

Сепак во таборот на шампионот одат чекор по чекор, а првиот е следен е Динамо.

Ова е многу важен натпревар за нас, за место во осминафиналето, за мене емоционално нема да биде лесен натпревар.

За нас важно е да победиме, но растот на Динамо Букурешт во последните четири години е видлив. Играа „фајнал-фор“ на Европската лига, играат добра групна фаза на Лигата на шампионите и проектот е на врвот. И ние играме добро сезонава, победуваме и одиме по зацртаниот план.

Одиме чекор по чекор, бидејќи овие натпревари се критични за нас сезонава. Немаме многу време за подготовка меѓу натпреварите, но навикнати сме на овој ритам. Најважно е да останеме мирни и да знаеме да се справиме со стресот, изјави Мохамед Шабиб Мамдух, кој четири години го носеше дресот на тимот од Букурешт.

Е.Пелистер со 6 бодови се наоѓа на седмото место на табелата исто колку што има и Висла на шестото место, додека Динамо Букурешт е петти со 10 бодови.

Натпреварот ќе го судат шпанските судии Андреу Марин и Игнасио Гарсија, а ќе се игра пред полните трибини во салата „Боро Чурлевски“.