Македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва ќе го игра четвртиот натпревар во квалификациите за Европското престо 2025 година.
Во рамките на „Х“ групата, Македонија во Клаипеда и гостува на Литванија, во дуел во кој императив е победа.
Поразот (67-82) во првиот меѓусебен дуел одигран во четвртокот во Скопје, е веќе заборавен. Сега македонските репрезентативци ќе мора да одиграат многу подобро доколку сакаат победа, а со тоа и да ги задржат шансите за пласман на ЕП.
Евентуален пораз на Македонија, но и победа на Естонија во дуелот со Полска, ќе значи крај на надежите за учество на Евробаскетот.
За разлика од скопскиот дуел, сега во националниот тим е Ненад Димитријевиќ. Најдобриот македонски кошаркар во моментов ќе мора да ги поведе останатите кон целта и многу работи ќе зависат токму од него.
„Верувам дека со Димитријевиќ работите ќе бидат подобри. Но ќе мораме да го смениме ставот и да одиграме цел меч, ако сакаме подобар исход“, изјави македонскиот селектор Александар Јончевски.
И неговиот колега на спротивната страна Куртинаитис, знае дека Македонија сега нема да биде истата од пред четири дена.
Свесни се за тоа Литванците, па Куртинаитис уште во Скопје најави дека неговите избраници се подготвени за Македонија со Нено.
Дуелот „да се биде или не за Македонија“ ќе почне во терминот од 18 часот.