Македонската машка кошаркарска репрезентација го претрпе вториот пораз во квалификациите за Европското престо 2025 година.

Во натпревар од 3.коло на „Х“ групата, одигран во СЦ „Кале“ во Скопје, Македонија беше поразена од Литванија со 67-82.

Лошо жолто-црвените го отворија натпреварот. За пет минути постигнаа само два поени и веќе имаа негатива од -11 (2-13). Уште од тој момент стана јасно дека македонската селекција е далеку од конкурентна во дуело со литванската. Ништо не беше подобро ниту во продолжението, па гостите првиот квартал го добија со 14 разлика (9-23). Водеа гостите и со 23 поени предност, а на одмор заминаа со +17 (27-44).

Во второто полувреме, нашата селекција постојано ја бркаше негативата. Во последната четвртина задоцнет беше финишот. Намали Македонија на -11, но немаше ниту сили ниту време за комплетен пресврт.

Кристијан Николов со 18 поени беше прв стрелец во нашата селекција за која Војдан Стојановски постигна 13, а двоцифрен беше и Бојан Крстевски со 10.

По оваа победа Литванија сега ќе биде на второто место на табелата со 5 бодови. Лидер е Естонија која стигна до третата победа, совладувајќи ја Полска на гостински терен со 82-78. Македонија остана на третото место сега со 4 бодови, а Полска која е ко-домаќин на Евробаскетот и за која овие натпревари немаат значење, е последна со 3 бода.

Веќе во недела овие две репрезентации ќе го одиграат и вториот натпревар и тоа во Клаипеда од 18.30 часот.