Последната екипа претставник на Македонија во женската европска ракометна конкуренција, Чаир, е пред историски успех. Чаирчанки го добија првиот меч од шеснаесетфиналето против португалскиот тим Колехио Де Гаија со 29-25 .

Португалките допатуваа во Скопје, каде веќе утре ќе се игра и реванш дуелот. Предноста на домашниот терен избраничките на тренерот Басри Љатифи знаеја да го искористат.

Во израмнетото прво полувреме во кое чаирчанки имаа најголеми три гола предност, на одмор се замина со гол предност за противничките (15-16).

Во вториот дел, ракометарките на Чаир со серија од пет гола поведоа со најголеми +5 (22-17). Иако гостинките успеаја да се вратат на еден негатива (24-23), немаа сили да ја анулираат. На крајот Чаир заслужено славеше со четири разлика (29-25).

Најефикасна ракометарка на Чаир беше Теодора Гулицоска со 13 голови, додека Теодора Дукоска и Стефанија Ѓорѓиевска постигнаа по 6 гола.

Утрешниот реванш дуел што пак ќе се игра во салата „Автокоманда“ ќе почне од 16 часот. Ракометарките на Чаир очекуваат и многу поголема поддршка од трибините, како би ја оствариле целта, пласман во осминафиналето.