Фудбалската репрезентација на Македонија ја продолжи победничката серија. Четврти меч во низа Македонија забележа победа во Лигата на Нациите.
Вечерва на националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје, црвено-жолтите славеа над Летонија со 1-0 и го потврдија првото место во групата.
Првиот дел мина во релативно израмнета игра во која двете селекции јалово се обидуваа да го загрозат голот на противникот. Можеби поблиску до тоа беа гостите во 18-тата минута, но за среќа на Димитриевски топката заврши далеку од неговиот гол.
Летонците во најголемиот дел се бранеа со сите единаесетмина играчи, па беше тешко да се пробие нивниот бедем. Најголемата шанса ја имаше Алими во 45-тата минута по двојното проигрување со Трајковски. Неговиот удар го сопре противничкиот голман.
Во второто полувреме македонските фудбалери го почнаа уште по офанзивно.
Се заканија Димовски и Ќамили но без ефект. Конечно, отпорот беше скршен во 57.минута, кога по корнерот од десната страна Никола Серафимов се најде на вистинското место и погоди за 1-0 за Македонија. Гостите во 89-тата минута ја затресоа мрежата на Димитриевски, но од офсајд ситуација, па голот не беше признат.
Со овој исход, Македонија си го потврди првото место на табелата, а со тоа и промоцијата во повисок ранг на натпреварување.
Последниот натпревар од ова издание на Лигата на Нациите, македонските фудбалери ќе го играат во недела (15 часот). Противник ќе биде селекцијата на Фарските Острови која денеска како гостин ја победи Ерменија со 0-1.