Македонската кошаркарска репрезентација е пред два исклучително важи и тешки натпревари во квалификациите за Европското првенство 2025.
Македонија ја чека двомеч со селекцијата на Литванија, ривалот кој ги враќа спомените, но и реалноста.
Многумина го паметат легендарниот триумф на Евробаскетот во Литванија 2011-та, но и поразите потоа. По поразите од Естонија, двете селекции сега се со императивот победа, доколку сакаат да ги сочуваат шансите за пласман на Европскиот шампионат.
Задачата за македонскиот селекторот Александар Јончевски е дотолку потешка, со неизвесноста околу настапот на најдобрите играчи во националниот тим.
Хап и Димитријевиќ неизвесни, Шорц и Јакимовски не доаѓаат!
Американецот, Итан Хап ќе допатува во Скопје, но неизвесен е неговиот настап. Хап има повреда поради што ги пропушти и последните натпревари за екипата на Валенсија. Неизвесен е и лидерот на оваа селекција Ненад Димитријевиќ. Популарниот Нено во тој период има натпревар во Евролигата со екипата на Армани Милано. Неговиот евентуален настап би зависел од здравствената состојба на останатите играчи во италијанскиот тим, но по поразот од Алба, тешко дека Месина ќе се репи да го пушти. Неофицијално, Нено евентуално би помогнал на репрезентацијата на вториот натпревар во Литванија.
Неговата алтернатива на плејмејкерската позиција, Американецот, Ти Џеј Шорц, повеќе од сигурно нема да допатува. Шорц е лидер на тимот на Париз кој има свои амбиции и планови во Евролигата. Парижаните во тој период ги чека важен натпревар против Анадолу Ефес во Евролигата, па Шорц е неопходен на тимот.
Селекторот Јончевски потврди дека ниту Андреј Јакимовски нема да допатува. Тој има обврски со својот Универзитет, Колорадо „Бафалос“ во НЦАА лигата.
Првиот натпревар Македонија и Литванија ќе го играат следниот четврток (21 ноември) во Скопје, а три дена подоцна е и реваншот.