Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаја да изборат пласман во нок аут фалата од Лига Европа откако вечерва на домашен терен загубија од украинскиот тим Мотор со 25:27. Со овој пораз битолчани ја загубија и четвртата позиција на табелата во Д групата, која со овој триумф им припадна на ракометарите на Мотор. Слабите резултати на домашен терен се главната причина за тоа што Еурофарм Пелистер не ги продолжува натпреварите во евро-куповите.
Македонскиот претставник лошо го отвори натпреварот и првиот гол го постигнаа во 4.та минута, а Мотор поведе со 3:0 и потоа водеше со 2-3 гола разлика. Сепак, по серијата грешки на гостите Еурофарм Пелистер во 11.та минута изедначи 7:7, а веднаш потоа го имаше и првото водство со 8:7. Набрзо потоа битолчани поведоа и со два разлика 11:9, а гостите со серија од 4-0 дојдоа до позитива од два гола која ја имаа и на полувремето 15:13.
Почетокот на вториот дел почна во знакот на гостите, кои во 34.та минута поведоа и со +4 (18:14). Битолчани со серија од 3-0 од кои два гола постигна Танкоски намалија на 17:18, сепак расположениот Турченко погоди за зголемување на водството на својот тим. Во 41.та минута со нов гол на Танкоски Еурофарм Пелистер за првпат изедначи во вториот дел – 19:19. Грешките на македонскиот тим донесоа нова предност за екипата од Украина откако битолчани шест минути не постигнаа гол – 22:19.
На десет минути пред крајот на дуелот гостите водеа со два разлика 23:21. Во продолжение следуваше игра гол за гол, која повеќе им одговараше на гостите. Во завршницата се беше во знакот на Танкоски кај Еурофарм Пелистер и Турченко кај Мотор. Во 58.та минута со голот на Танковски Е.Пелистер намали на 25:26. На 90 секунди до крајот Турченко промаши и битолчани имаа напад за изедначување. На 40 секунди до крајот тренерот на Е.Пелистер Ларс Валтер побара тајм аут, но капитенот Радовиќ не успеа да постигне гол за изедначување. Мотор во последниот напад со голот на Денисов ја потврди победата.
Марио Танкоски беше единствениот расположен во дресот на битолчани со 9 голови од 10 обиди, додека кај Мотор Турченко дуелот го заврши со 7 голови, а голманот Комок имаше 13 одбрани.