Македонскиот вицепрвак Пелистер ќе го игра вториот натпревар во регионалната кошаркарска АБА2 лига.

Ова е натпревар од 2.коло „Ц“ групата во која Пелистер веќе оствари една победа, совладувајќи го Широки Бријег во Битола.

За зелено-белите кои се во низа од три победи, овој натпревар доаѓа по триумфот во домашното првенство над шампонот МЗТ Скопје Аеродром во саботата. Тоа секако е мотив повеќе за избраниците на тренерот Петровиќ, кој предупреди дека „ранетата“ Подгорица ќе биде тежок противник.

Имено, Подгорица беше изненадена во првиот натпревар и тоа на домашен терен од екипата на Џокер од која загубија со 76-79.

Во меѓувреме подгоричани го сменија тренерот и го назначија 45-годишниот Бошко Радовиќ кој водено е и селектор на црногорската репрезентација.

Какви промени ќе воведе тој во играта на црногорската екипа останува да се види, а ќе видиме и дали Пелистер може да ја продолжи победничката низа.  

Натпреварот меѓу Подгорица и Пелистер ќе почне од 18 часот.