Ракометарите на Вардар со убедлива победа ја почнаа годинашнава сезона во групата од Лига Европа откако вечерва пред своите навивачи го совладаа актуелниот освојувач на Европскиот куп Валур од Исланд со 33:26 (19:11).
Дека се подготвени „вардарци“ покажаа веднаш на почетокот на натпреварот кога водството на противникот од 0:2, брзо го претворија во предност и во 20.та минута веќе водеа со +5 (12:7). Избраниците на тренерот Владо Недановски не го намалија ритамот и бодрени од навивачите продолжија да ја зголемуваат предноста, која на полувреме изнесуваше +8 (19:11), а свој белег остави извонредниот голман Еспиња.
Во вториот дел гостите од Исланд се обидоа да намалат од предноста, но резултатската позитива беше во полза на „црвено-црните“ од шест до максималните осум голови разлика.
Марко Срдановиќ и Вуко Борозан кај Вардар со по 6 голови беа најефикасни, додека голманот Фереира Еспиња натпреварот го заврши со 14 одбрани. Најдобар поединец кај Валур беше голманот Пал Густавсон со 18 одбрани.
Во вториот натпревар од групата Мелсунген како гостин го совлада Порто со 29:24.
Вардар во следното коло гостува кај екипата на Мелсунген во Германија на 15.октомври.