Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром со дуелот против црногорскиот Теодо, денеска го почнува новиот настап во регионалната АБА2 лига.
Аеродромци го задржаа најголемиот дел од играчите од минатата сезона и донесоа нови со кои ќе атакуваат на највисок пласман.
„Ги исполнивме сите желби околу играчкиот кадар.
Амбициите на клубот се исти како и секоја година, со тоа што оваа сезона ќе дадеме поголем фокус на враќањето во АБА лигата“,
истакна пред стартот на сезоната, директорот на клубот Филип Ѓоревски.
И капитенот Дамјан Стојановски верува дека МЗТ годинава има тим за враќање во елитната конкуренција на АБА лигата
„Мислам дека оваа екипа има квалитет за влез во јадранската елита, но мораме да одиме чекор по чекор“,
истакна Дамјан Стојановски.
Во новиот формат на АБА2 лигата 16-те екипи се поделени во четири групи, од кои двете првопласирани ќе играат во четвртфиналето.
МЗТ Скопје е во групата „А“ во која покрај Теодо Тиват, се и словенечкиот хелиос Домжале и Цедевита јуниор од Хрватска.
Денешниот дуел меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Теодо ќе почне од 18 часот.
Покрај аеродромци, во АБА2 лигата, Македонија ќе ја претставуваат Пелистер и Работнички.