Со четири победи македонската кошаркарска репрезентација влегува во последниот „прозорец“ од претквалификациите за ЕП.
Остануваа уште два натпревари со Словачка и Норвешка, директните конкуренти за првото место, единствено што носи пласман во главната фаза од квалификациите.
Иако противниците имаат по две победи помалку од нашата селекција, сепак и тие си имаат свои математики, па црвено-жолтите ги очекуваат тешки дуели, смета селекторот Јончевски.
„Може да очекуваме тешки натпревари. Сите репрезентации си имаат свои математики. Како ние така и противниците. Со Словачка на првиот натпревар на кој бркавме негатива научивме многу, пред се како да одиграме во овој реванш дуел. Овој ќе биде поинаков натпревар. Ние ги немаме Димитриевиќ и Јакимовски, а тие сега ќе го имаат нивниот најдобар играч Броџански. Сигурно и тие се подготвуваат за да победат. Ние целиме не само на една туку на две победи. Би било греота доколку не го искористиме овој резултат што веќе го имаме, а тоа се четири победи“, изјави селекторот Александар Јончевски.
Првиот натпревар против Словачка на програмата е во четврток од 18 часот, а вториот против Норвешка ќе се игра во недела од 19 часот.
Табела:
Македонија 8 бодови (4-0 победи-порази)
Норвешка 6 (2-2)
Словачка 6 (2-2)
Данска 4 (0-4)