Македонскиот шампон МЗТ Скопје Аеродром вечерва ќе го игра можеби еден од најважните натпревари сезонава. Аеродромци во Суботица против Спартак ќе го играат реванш полуфиналниот дуел во АБА2 лигата.
Поразот со пет поени разлика пред својата публика (73-78) не е недостижен. Задачата против најдобриот тим во лигашкиот дел ќе биде тешка, но не и невозможна, смета тренерот Атанасов.
„Нема предавање, без разликата што значи ќе го почнеме со стартна негатива. Изминатава недела работиме на исправање на слабостите, како и нови начини како би можеле да го изненадиме силниот противник.
Наша цел е да се бориме до последниот атом енергија, да дадеме максимум и да пробаме да вратиме на идентичен начин.
Нема да биде лесно, Спартак Суботица е квалитетен тим со голем буџет и големи амбиции, но тоа нема да значи дека нема да ги принудиме сериозно да се испотат ако сакаат да дојдат до финалето.
Очекувам возбудлив и до крај неизвесен меч во кој пак ќе решаваат финеси“, вели Васко Атанасов.
Една од главните цели на МЗТ Скопје и Атанасов пред стартот на сезоната, беше враќањето во АБА1 лигата. Но, прво ќе треба да се мине Спартак, а потоа и Војводина која веќе си обезбеди место во финалето.
Ќе може ли МЗТ да го направи тоа, ќе видиме во натпреварот што ќе почне од 19 часот.