Денеска во јавноста излезе информацијата дека Јавното обвинителство покренало обвинение за 12 лица, за злоупотреба со така-наречениот „Спортски ваучер“.

Меѓу обвинетите се, актуелниот директот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, неговиот претходник Дарко Каевски и претседателот на МОК, Даниел Димевски.

Првиот човек на македонскиот олимпизам Димевски излезе со своја реакција, која ви ја пренесуваме интегрално.

„До средствата за јавно информирање
Почитувани,

Денеска сум информиран дека од страна на обвинителката Лидија Раичевиќ е поднесен обвинителен предлог против мене за наводно несовесно вршење на службата во својство на член на Централната комисија за ваучери во 2020 година.

За мене очекуван чин кој е круна на напорите на гореспоменатата обвинителка која истовремено отвори истрага и за одржаното Изборно Собрание на МОК како што и пројави посебен интерес за неколку останати спортови со посебен афинитет кон пливањето.

Со големо задоволство ќе соработувам со судот каде мора да дојдеме до вистинските заклучоци и при тоа да не оставиме простор за понатамошни шпекулации и инсинуации.

На крај, моето совесно или несовесно работење е константно на увид и оценка на спортските федерации, клубови и спортисти кои најдобро знаат колку мерката ваучер и јас лично сум им помогнал во секоја прилика без исклучок. Затоа веројатно и ја уживам нивната безрезервна поддршка сето ова време.

Воедно сакам да информирам дека од Советот на јавни обвинители побарав да биде оценето постапувањето на обвинителката со детално образложение за непримерниот и непрофесионален однос спротивен на кодексот на обвинителската функција.

Даниел Димевски“