Кошаркарите на ТФТ се третиот тим што обезбедија пласман во полуфиналето од плејофот на Првата машка лига.
ТФТ го доби неизвесниот “драматичен“ натпревар број четири совладувајќи го Чаир со 70:69 и ја затвори четвртфиналната серија со 3-1 во победи.
Четвртиот меч од серијата на плеј-офот не можеше да помине без драматични моменти. ТФТ Моцарт имаше двоцифрен плус, но гостите од Чаир немаа намера да се предадат. Ја анулираа високата негатива, имаа два обиди да поведат и да победат. Стигнаа на чекор до „мајсторката“, но една грешка во финалните секунди ги чинеше многу, пораз.
Гостите во финишот имаа минус од шест поени (62:68). Сепак, не се предадоа и со седум поени во низа поведоа со 69:68. На семафорот останаа 54 секунди до крајот. Ташовски беше половичен од линијата за слободни фрлања, за (69:69). Галовеј не погоди, можеби и за победа на Чаир. Последниот напад го имаа домаќините, но Ташовски направи грешка и им даде уште една шанса на гостите. И Роби не погоди шут за триумф, а згора на тоа Далгер го фаулираше Хатон. Тој пак го погоди едно од двете слободни фрлања, но немаше време за гостите за нова шанса, па ТФТ славеше со 70:69.
Така ТФТ се избори за полуфинале во кое за противник ќе го има подобриот до дуелот МЗТ Скопје – Гостивар. Актуелниот шампион има предност од 2:0 во победи, а веќе во сабота и шанса на гостински терен да ја заври серијата.
Овој меч се игра покасно од останатите поради обврските на аеродромци во АБА2 лигата, во која изборија полуфинале.