Важна победа на патот до одбраната на шампионската титула постигна битолски Еурофарм Пелистер. Во дербито на 1.коло вечерва во преполнетата сала „Боро Чурлевски“, Еурофарм Пелистер го совлада Вардар со 27:21 (10:10).
Тренерот на Е.Пелистер Бранислав Ангеловски знаеше да ја искористи подолгата клупа. Тоа се покажа како клуч за победата бидејќи во составот на „црвено-црните“ тренерот Владо Недановски немаше голем фонд на играчи.
Во првото полувреме ниту една екипа немаше водство поголемо од еден разлика. Тоа беше главната карактеристика на првите 30 минути од битолската пресметка на „лутите ривали“. Вардар беше тимот што прв водеше до 3:2, а битолчани првото водство го имаа 4:3. Се играше повеќе со акцент на одбраната, па така имаше и повеќе грешки во нападите. Резултатот 8:8 најдолго беше на семафорот, тоа беше период кога гледачите не видоа ништо квалитетно од страна на двата тима.
Капитенот на домаќините Филип Кузмановски беше најефикасен во прво дел со 4 голови, додека кај Вардар Матија Николиќ постигна три.
И вториот дел почна во исто издание. Прв Пелистер дојде до +2 (14:12) во 39.минута. Пелистерци искористија играч помалку на ривалот, а по казната на клупата на Вардар.
Домашниот тим почна да ги користи грешките на противникот и во 41.та минута дојде до + 3 (16:13). Колективната игра на Е. Пелистер и добрата одбрана предводена од голманот Лесјак (бранеше само во второ полувреме) донесе водство од 19:14 во 47.минута. Оваа предност се покажа како клучна за победата на актуелниот шампион.
Најефикасен на натпреварот беше Филип Кузмановски со 8 голови. Доминик Тајник постигна 6 од своите седум голови во вториот дел.
Еден од клучните моменти беа и седумте одбрани на словенечкиот репрезентативец голманот Урбан Лесјак. Во редовите на Вардар најефикасен беше Матија Николиќ со 5 голови.