Како и што се очекуваше, супер интересен натпревар се одигра во Истанбул, а во рамките од 5.коло на „А“ групата во Лигата на шампионите.
Галатасарај и Манчестер Јунајтед одиграа натпревар со шест гола, но без победник 3-3. Гостите два пати имаа два гола предност, но недоволно да се радуваат на победа.
Иако домаќините тргнаа силно и отворено во нападот, гостите од Манчестер постигнаа два брзи гола. Веќе во 11.минута Аргентинецот, Алехандро Граначо го отвори резултатот. Само седум минути подоцна Бруно Фернандеш на ефектен начин зголеми на 2-0. Мароканецот, Хаким Зиеч во 29.минута намали на 1-2, што беше резултат по првото полувреме.
По еден брз напад во 55-тата минута, МекТоминеј повторно му донесе два гола предност на Манчестер (3-1). Но, таа предност не траеше долго. Мароканецот со својот втор гол, а со помош на гостинскиот голман Онана, во 62.минута намали на 2-3. Тоа им даде дополнителен мотив на домаќините, кои со ефектниот гол на Керем Актуркоглу во 71.минута израмнија на 3-3.
Со поделбата на бодовите Галатасарај сега е втор со 5 бодови, еден повеќе од Копенхаген и Манчестер Јунајтед.
Во последното коло, Манчестер Јунајтед го пречекува минхенски Баерн, а Галатасарај гостува кај Копенхаген.
Баерн кој досега имам максимални четири победи вечерва (21 часот) го пречекува Копенхаген.