Последното коло во т.н. „група на смртта“ во Лигата на шампионите ги оправда очекувањата. Многу голови и неизвесност до самиот финиш, со среќен крај за Борусија Дортмунд која веќе обезбеди осминафинале.
Ова откако вечерва Борусија славеше против Милан, а ПСЖ се спаси од пораз од Њукасл во 95-минута.
На „Сан Сиро“ натпреварот лошо почна за домаќините. Уште во 5.минута откако Хумелс играше со рака беше досуден пенал за Милан. Но, ударот на Жиру од белата точка гостинскиот голман го одбрани.
Затоа пак само четири минути подоцна на спротивната страна Маркус Ројс беше сигурен егзекутор на најстрогата казна, за водство на Борусија од 1-0. Милан стигна до израмнување по соло акцијата на Чуквуезе во 38-та минута. Во вториот дел, односно 59.минута, Англичанецот, Џејми Бајно-Гитенс одново им донесе предност на гостите. Во 69-тата минута ударот на Карим Адејеми од 20-тина метри не можеше да го одбрани Маињан па Борусија поведе со 3-0.
На „Паркот на принцовите“ во Париз, англискиот Њукасл беше пред голема победа против ПСЖ. Англискиот тим со голот на Исак во 24-тата минута имаше победа во рака се до судиското дополнение. А, во петата минута од продолжувањето и по прегледувањето на ВАР снимката беше досуден пенал за парижаните. Сигурен реализатор беше Мбапе за израмнување на 1-1 и важен бод за ПСЖ.
Во последното коло во Дортмунд ќе гостува ПСЖ, а Њукасл ќе го пречека Милан, дуели по кои ќе го дознаеме и вториот патник од оваа група во осминафиналето.