Екипата на битолски Пелистер го претрпе вториот пораз во регионалната АБА2 лига.
Во натпреварот од 3.коло во Златибор, Пелистер загуби од новосадска Војводина со 64-74.
Имаше Пелистер и двоцифрена предност во првиот дел, но очајната игра во вториот резултира со пораз.
Македонскиот вицепрвак одлично го започна натпреварот и во 7.минута имаа и двоцифрена предност 22-9 (+13). Ја одржуваа предноста и во втората четвртина, но ја завршија само со +3 (37-34).
Но, во второто полувреме очајно лошо издание на пелистерци особено во одбраната. Му дозволуваа лесни поени на противникот, а во нападот тешко одеше.
На крајот српскиот тим сосема заслужено славеше триумф со 10 поени разлика.
Најефикасен во редовите на Пелистер беше Американецот, Малклом Бернард со 16 поени. Андреј Маслинко имаше учинок со 13 поени и 8 скокови, а Хрватот, Планиниќ додаде 12.
Следниот натпревар Пелистер ќе го игра во петок и тоа македонското дерби против ТФТ кој вчера ја оствари првата победа.