Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром го претрпе осмиот пораз во низа, вкупно 14-ти во регионалната кошаркарска АБА лига.
На средбата од 16.коло одиграна попладнево во СЦ „Јане Сандански“, тимот на МЗТ Скопје загуби од Будуќност со 86-90.
Една добра четвртина (последната 38-25), не беше доволна МЗТ да го совлада фаворизираниот црногорски тим, кој првите три четвртини ги реши во своја полза (10:20, 22:22 и 16:23), а во еден миг од третиот период имаше и 19 поени предност.
Доцна се разбудија сино-белите, кои стигнаа и до израмнување (78-78), но нема доволно сили на крајот да направат и комплетен резултатски пресврт.
Најефикасен во таборот на аеродромци беше Војдан Стојановски со 22 поени, додека новото засилување, Абдул Малик Абу средбата ја заврши со дабл-даб, па на 19 поени придодаде и 11 скокови.
Во следното коло МЗТ гостува во Подгорица кај Студентски Центар Дерби во меч кој на програмата е во сабота, 28 јануари.